FORD против FERRARI – Вистинската приказна за легендата на Le Mans
На почетокот на 60-тите години од минатиот век, по долги преговори, Ford станува подготвен да го купи Ferrari од неговиот сопственик – Енцо Ферари, кој е свесен дека му е потребна голема инвестиција за да остане активен во производството на автомобили, додека Ford сака да ја „позајми“ технологијата и да активира свој тим во мотоспортот.
Во мај, 1963 година, договор е поставен на маса, и американскиот гигант заедно со тогаш младата италијанска компанија за автомобили се подготвени да склучат договор за превземање на контролата од Ferrari со што целосен сопственик ќе стане Ford Motor Company.
Компанијата на Ford, предводена од внукот на Хенри Форд, Хенри Форд II, испраќа 14 свои претставници, заедно со целосниот адвокатски тим во Торино, Италија, за да го финализираат договорот. Сопственикот на Ferrari – Енцо Ферари, на состанокот пристигнува со семејниот адвокат и преведувач. Откако Енцо го добива договорот во свои раце, тој ја сфаќа реалноста дека со овој договор тој ќе ја изгуби целосната контрола врз неговиот бренд кој за него е бесценет. Тука настанува момент на пресвртница. Енцо Ферари поставува дополнителна клаузула во договорот, со која тој бара одреден буџет за мотоспорт, кој Енцо лично ќе го предводи во целост. Ова барање е веднаш одбиено од претставниците на Ford кои сакаат целосна контрола, по што Енцо, користејќи експлицитни навреди кон своите гости, ги прекинува преговорите, и со тоа претставниците на Ford, револтирани ја напуштаат Италија и веднаш се враќаат во САД.
По враќањето во Детроит, лошите вести се соопштени на Хенри Форд II, по што тој ги кажува легендарните зборови на своите подредени – „Направете ми автомобил кој ќе го победи Ferrari!“
Компанијата Ford, до овој момент нема никакво искуство во мотоспортот, па затоа, проектот за создавање на тркачко возило започнува да се развива со надворешни соработници. Ford го ангажираат Рој Лан, Британец кој има искуство со подвигот на Aston Martin на трката во Le Mans во 1949 година, да го предводи одделот за развој на напредни возила.
На 12ти Јуни 1963, само еден месец по распадот на преговорите, Рој Лан го презентира тајниот проект на Хенри Форд II, за развој на тркачко возило со мотор поставен во средина кој ќе се води под името GT40 (поради висината од само 40 инчи), како и патничко спортско возило со назнака GT46. Идејата на Лан е да се произведе прототип за спортско возило со две седишта, со мал волумен на производство, кој покрај Ferrari, ќе ги расипе сметките и на Chevrolet Corvette. Оваа идеја е одобрена за само 5 минути.
Рој Лан заминува во Англија, каде во тоа време се произведува тркачкиот автомобил Lola, чии спецификации се идеални за неговата мисија. Опремен со V8 мотор од Ford и алуминиумска каросерија, Lola е идеалната платформа за прототипот GT40. Лан купува 2 возила, има буџет од 1,7 милиони долари, го најмува поранешниот шеф на тркачкиот тим на Aston Martin – Џон Вејер и се нафаќа за работа. Седиштето на одделот за напредни возила на Ford се отвора во Слау, Англија, во близина на базата во која се произведува Lola.
Брус Мекларен (директор и основач на McLaren) е ангажиран за проценка на развојот на прототипот во август 1963 година, со што работата добива значителен напредок. Челичната шасија на GT40 е тешка но издржлива, додека примитивните компјутерски програми помогаат во калибрирање на геометријата на суспензијата. Првиот комплетен примерок, шасија бр. GT/101, користи модифициран Ford Fairline 4.2 литарски V8 ммотор со алуминиумски блок.
Компанија лоцирана во Ковентри, Abbey Panels ја произведуваат каросеријата, и целосниот прототип е подготвен да го фати првиот лет за Њујорк, пред автомобилскиот саем во Њујорк во април 1964 година. „Нашиот влез во GT трките претставуваат прифаќање на најголемите предизвици кои се поставени пред автомобилските производители“ изјавува Ли Ајакока – Директор на Ford пред новинарите за време на презентацијата на прототипот.
Наредните настани се историски моменти.
Првиот тест на патеката Le Mans е реализиран по само неколку недели по саемот во Њујорк, каде се откриваат огромни проблеми при високи брзини. GT40 е способен да развие 320 км/ч, но предницата е подготвена да полета при брзини над 273 км/ч. Овој проблем се појавува во време каде аеродинамиката во мотоспортот тукушто започнува да се развива.
Во трите компетитивни појавувања, Nürburgring 1000 км, 24 часа Le Mans и 12 часа Reims, резултатите се три DNF (GT40 не завршува ниту една трка). По овој страшен неуспех, седиштето на операции се преместува од Слау Англија, во Деарборн Мичиган САД, а лидерот на проектот Џон Вејер, ја предава својата позиција на поранешниот тркачки возач, и сегашна легенда, Карол Шелби.
Програмата предводена од неговото височество – Карол Шелби, добива нова димензија. GT40 добива значителна моќност и раст во перформансите кои очајно беа потребни. Неговото седиште за работа е лоцирано на место кое претходно било користено за производство на воени авиони.
Идиосинкратичниот менаџментски принцип на работа на Шелби е опишан во книгата на А.Ј Бејм – „Go Like Hell“, каде стои изјава на Шелби во момент кога интервјуирал за работа нова секретарка, каде го поставил прашањето: „Дали би сакала да работиш во дупка со змии за вистинска змија?“
Работата на Шелби резултира со замена на 4.2 литарскиот V8 мотор со 7.0 литарски Shelby мотор претходно користен во Shelby Cobra, заедно со нов ZF менувач.
На трката во Дејтона во 1965 година, MkII GT40 ја забележува првата победа со Кен Мајлс и Лојд Руби зад воланот. Следува подиум во Себринг еден месец подоцна, но остатокот од годината, како и трката во Le Mans, се вистинска катастрофа. Сите пет GT40 возила не успеваат да ја завршат трката, а за работите да бидат уште полоши, Ferrari ја забележува својата деветта победа, која до денес претставува последна за нив.
Во 1966 година работите започнуваат да се променуваат, преку различни успеси во повеќе трки. Ford забележува 1-2-3 победа во Дејтона, 7 литарскиот мотор сега развива 463 коњски сили и доволно моќ за да движи со брзина од 320 км/ч во кривините на патеката во Дејтона. Мајлс и Руби повторно забележаа победа на трката, каде Руби изјавува: „Оваа втора верзија, MkII GT40, е проклето добра! Има многу сила и се управува неверојатно!“. 13 Ford возила учествуваа на трката во Сибринг, Кен Мајлс победува на неверојатен начин. Тој го претенува колегата од тимот, Ден Гурни, (ова не е зафрканција) кој е приморан да го турка своето возило до целната линија од последниот свиок. (Ова навистина се случило!)
Сензационална 1-2-3 победа на 24 часа Le Mans!
Подготовките за оваа историска победа вклучуваат 48 часовно активно тестирање на моторот на симулирани кругови од патеката на Le Mans, додека дополнителни 12 мотори се подготвени за трки. Ford за оваа трка подготви вистинска армија. 100 луѓе, 9 возила GT40, 7 резервни мотори и 21 тон резервни делови. Сето ова возено во огромен камион кој едвај го собирало на улиците во Франција. Хенри Форд II бил лично на трката, нетрпеливо очекувајќи го резултатот на својата инвестиција. Толку нетрпеливо, што на својот директор за тркачки програми, Лео Биби, му подава визит картичка пред самиот почеток на трката на која Хенри напишал – Подобро да победиш! Оваа картичка Лео Биби ја чува во својот новчаник до крајот на неговиот живот.
Ford успеа, но не без контроверзии. Трката под дожд ги елиминираше сите возила на Ferrari за време на ноќта, а возилата GT40 имаа токлаво водство до утрото што тимот издава наредба, првите возила да го намалат темпото на возење од 3 минути и 30 секунди по круг, на 4 минути. Ова е многу потешко од тоа што звучи. Збиениот финиш на трката го вознемирува возачот Кен Мајлс, кој завршува на трето место, зад Крис Амон и Брус Мекларен, кој ја започнува трката помеѓу последните, па затоа поминува поголема дистанца во исто време. На челниците на Ford за ова не им е гајле. Тие ја освоија својата прва, историска победа на 24 часа Le Mans. На нивно големо задоволство, Ferrari-то со најдобар финиш завршува на 8мо место, цели 47 круга зад победниците.
Кен Мајлс набрзо по трката го губи својот живот тестирајќи нов J-прототип, кој има нова шасија и значително подобрена аеродинамика.
А.Ј Фојт и Ден Гурни победуваат на 24 часа Le Mans и наредната година со новиот Mk IV GT40, кој е значително побрз од претходната генерација. Лесно ги победува Ferrari со нивниот 330 P4 со победа од 1-2-3 на Дејтона.
Ден Гурни е првиот возач во историјата на мотоспортот кој слави со прскање на шампањ при доделување на трофејот.
Ford продолжува со работа.
За сезоната 68’, Џон Вејер обезбедува спонзорство од Gulf Oil, создава партнерство со одреден Џон Вилмент, со кого го оформува JW Automotiv Engineering. Правилата на FIA значително се променуваат, но GT40 повторно и за сите неочекувано, победува на Le Mans.
Последниот триумф е во 1969 година, со Џеки Ајкс и Џеки Оливер, постигнувајќи ја наголемата победа на сите времиња. Во годината кога Porsche 917 дебитира. Ајкс е пред Porsche 917 возено од Ханс Херман за само 120 метри по 372 кругови во моментот на финишот на трката. Неверојатно, Ајкс го вози истиот GT40 со кој победува годината претходно.
Ford GT40
Година: 1964-1969
Дизајнирано од: Рој Лан, Ерик Бродли, Фил Ремингтон
Главни возачи: Кен Мајлс, Лојд Руби, Крис Амон, Брус Мекларен, Ден Гурни, Педро Родригез, Џеки Ајкс, Џеки Оливер
Мотор: 4.2, 4.7, 4.9 и 7.0 литарски (7.0 литарскиот произведува 485 коњски сили и 485 Nm вртежен момент)
Трансмисија: Ford T-44 четири брзински мануелен менувач
Тежина: 1207kg
Максимална брзина: 346 километри на час
Најважен момент: 1-2-3 финиш на Le Mans во 1966