Jaguar E-Type Series 1

Секогаш е убаво да се добие комплимент, но комплимент даден од конкуренцијата е исклучително ретка чест и доказ дека нешто нависитина е извонредно. Кога Енѕо Ферари (да, да, ТОЈ Енѕо Ферари) прв пат го здогледал Jaguar E-Type по неговото претставување во 1961. година го нарекол „Најубавиот автомобил било кога направен“ и тоа е доволно за да се разбере за каква автомобилска икона станува збор.

Дизајнот на E-Type е навистина вчудоневидувачки, низок профил кој остава впечаток на стабилност, аеродинамичност и фокус на контакт со патот под него, долга хауба (нема да навлегуваме во Фројдовските импликации) која посочува дека под неа се наоѓа моќен агрегат, возачка позиција блиску до задната оска… со еден збор, сите пропорции кои ги очекуваме од спортски автомобил, доведени до екстрем. Покрај совршените пропорции, оваа каросерија е украсена со нежни но силни линии и детали, без ниту една остра линија, но со моќна форма која не остава простор да се сомневате дека се работи за сериозен ѕвер. Како и истоимената голема мачка, овој Jaguar истовремено изгледа и лесно и елегантно, и моќно и опасно.

Од почетокот на производството во понуда биле две верзии, затворениот FHC односно Fixed Head Coupé и отворениот OTS односно Open Two Seater. Двете почетни верзии биле достапни само како двоседи. Но во 1966 одговорните во Jaguar се смилувале и дозволиле во ова прекрасно возило да уживаат повеќе од двајца истовремено, па го претставиле и 2+2 кој, како што самото име наговестува, бил опремен со две дополнителни седишта. 2+2 во дизајнот е речиси идентичен со FHC, но цел да има место за уште двајца патници, 2+2 бил продолжен за околу 23 центиметри, со што малку е нарушена прекрасната силуета на оригиналот.

Но, како и за било кој значаен успех освен манекенска кариера, за да се стане автомобилска легенда, не е доволно само да се биде убав. Jaguar E-Type својот култен статус не го должи само на својот извонреден изглед, туку и на перформанисте кои дури и денес се доволни, а во свое време биле блиску до врвот на понудата. Со максимална брзина од преку 240 километри на час и забрзување од нула до 100 километри на час од помалку од седум секунди, неговите перформанси потврдуваат дека очекувањата кои ги наметнува изгледот на ова возило се исполнети.

Своето „срце“ E-Type го наследил од XK150S, својот подеднакво способен, но далеку поконзервативно дизајниран претходник. Станува збор за реден шестцилиндричен агрегат со запремнина од 3,8 литри, моќност од 265 коњски сили и вртежен момент од 325 њутнметри. Подоцна, поточно во октомври 1964, моторот е изменет и запремнината му е зголемена на 4,2 литри. Моќноста останува иста, но вртежниот момент се зголемува на 384 њутнметри, што не влијае значајно на перформансите, но го прави E-type поеластичен и полесен за возење без потреба од многу менување на брзини. Кога веќе сме кај менувањето на брзините, врската помеѓу моторот и погонските тркала бил четиристепен мануелен менувач (делумно синхронизиран на почетокот, и целосно синхронизиран почнувајќи од 1965.) или тростепен автоматик (достапен како дополнителна опрема само на 2+2).

Денеска можеби е незамисливо, но во 1961. година еден од најбрзите и најубавиот автомобил на пазарот бил далеку од најскапиот. Со цена од приближно 2.100 британски фунти (околу 46.000 фунти, односно околу 53.000 евра ако се земе во предвид инфлацијата и моменталните курсеви) овој врв на автомобилското достигнување не бил нешто за што обичните смртници можеле само да сонуваат, туку можност кон која реално можеле да се стремат. Токму тоа е причината што првата серија на E-Type е произведена во 38.419 примероци, што и за денешни услови е огромно производство за автомобил од ова класа, а за шеесетите било речиси незамисливо. Чисто за споредба, современикот на E-Type, Ferrari 275 во сите свои варијанти е произведен во само 1.025 примероци, a Lamborghini 350 GT… само 120. Нормално, и денес сме навикнати италијанската егзотика да се произведува во многу помали бројки од „баналните“ британски модели, но тоа што е сменето е што британците веќе не нудат перформанси кои ги загрижуваат италијаните. Дел од култниот статус E-Type го должи токму на тоа што бил релативно достапен и со тоа поблизок до народот, позициониран совршено за да ги освои нивните срца и мечти.

Можеби во прилог на E-Type му оди и тоа дека едноставно се нашол во вистинско време на вистинско место, каде и кога се изродени и многу други легенди. Во шеесетите Лондон е центарот на културна и модна револуција чии последици сеуште се осеќаат, а покрај уште полегендарниот Mini, пред сите клубови во Мејфер и Најтсбриџ кои биле неофицијалните штабови на оваа револуција се подразбирало дека ќе се види паркиран барем еден E-Type.

За жал, култниот статус што го има стекнато врз осов на својата општа достапност и учеството во егалитаријанската културна револуција денеска прават E-Type да не е ни приближно толку достапен и да преставува само уште еден статусен симбол за повисоките сталежи. Со секој минат ден цените скокаат, а исклучителни примероци, особено од првите години на производство, може да чинат и по повеќе од 300.000 евра. Доколку многу се потрудите можно е да најдете некој примерок чија цена денес не ја надминува оригиналната продажна цена, но доколку се одлучите на тој чекор потребно е да бидете особено внимателни. За жал, никој не е совршен, така да E-Type својот феноменален изглед, возбудливи перформанси и култен статус ги плаќа со ноторно лоша издржливост.

Како и најголем дел од британските автомобили од тој период, E-Type е склон на редовно расипување, а дури и кога нема некој акутен дефект, веројатноста да запали во моментот кога ви е потребен е астрономска. За некого тоа можеби е дел од шармот на оваа легенда, за некого можеби е доволна причина никогаш да не помисли да го купи. Но ова е типот на автомобил што, дури и кога ќе одбие да запали, нема да му се налутите, туку ќе го погледнете и со насмевка на лицето ќе си повикате такси бидејќи на таа убавина не можете да се налутите. Плиткост ли е, што ли е, но на најубавите секогаш многу повеќе им простуваме.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *