Morgan Plus Four- Едноставно безвреме

Во време кога со пазарот владеат SUV, crossover и теренски возила, а кабриолетите се се помалку барани, Morgan сеуште тврдоглаво се држи до оригиналниот рецепт започнат пред 70 години со првиот +4. На прв поглед, можно е дури и да не успеете да ја видите разликата помеѓу новопретставениот модел и неговите претходници. 

Но, се разбира дека разлики има. Најзначајната од нив е CX-Generation шасијата, која наместо челик користи лепен алуминиум (дел од конструкцијата сеуште се прави од дрво) и со тоа ја намалува тежината за околу 100 килограми. Станува збор за истата платформа која лани беше претставена на помоќниот Plus Six. 

Доколку ве интересира што е разликата помеѓу Four и Six, тоа е уште една од новините. Four се однесува на бројот на цилиндри, а новиот модел го користи дволитарскиот мотор на BMW, веќе познат по неговата примена во други посовремени спортски автомобили со кои Morgan индиректно се натпреаварува, како BMW Z4 и Toyota Supra, како и голем дел од остатокот на гамата на BMW. Моќноста од 259 коњски сили и вртежен момент од 350 њутнметри му овозможуваат на Plus Four максимална брзина од 240 km/h и забрзување од 0-100 km/h за 5,2 секунди во комбинација со шестостепениот мануелен менувач, или 4,8 секунди со осумстепениот автоматски. Според нас, автоматскиот менувач е непотребна опција, бидејќи доколку перформансите се тоа што ве интересира, тогаш постојат подобри опции за вас, но доколку го сакате традиционалното возачко искуство кое Morgan го претставува, е тогаш треба да се одлучите за опцијата со три педали. 

Промени има и во ентериерот, кој е целосно нов и покрај повеќе простор нуди и посовремени технологии, но сепак традиционалната занаетчиска изработка останува. 

Му посакуваме на Morgan уште долго да продолжи да им пркоси на трендовите и да произведува вакви шармантни играчки за ентузијасти. 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *