Bentley Continental GTC Mulliner Convertible – раскош до (подвижниот) плафон

Поради тоа што Bentley Azure не доби директен наследник, најраскошниот кабриолет во гамата на Bentley е Continental GTC кој е заснован на „основниот“ модел на луксузната британска марка. Со цел да им се удоволи на купувачите кои сакаат поголема доза луксуз и раскош (и се спремни за тоа да платат), одделот за персонализација Mulliner понуди изведба на Continental GTC која од стандардниот модел се разликува по козметички детали и уште повисоко ниво на изведба.

Екстериерот се разликува по нов дизајн на 22-инчни фелни и решетка на маската со шара која ја одразува шарата на штепот на кожата во ентериерот, поточно двојни ромбови.

Ентериерот носи повеќе разлики, почнувајќи од погоре споменатата шара, која покрај седиштата и вратите, се јавува и на прекривката за подвижниот платнен покрив. Дополнително, понудени се и осум уникатни комбинации од по три бои, а централна позиција во ентериерот зазема Breitling часовник од брусен алуминиум.

Механички Mulliner Convertible не се разликува од стандардниот GTC, со тоа што погонот е на сите четири тркала, кои преку осумстепен менувач со двојно квачило ги придвижуваат V8 мотор со запремнина од четири литри, моќност од 550 коњски сили и вртежен момент од 770 њутнметри, или W12 мотор со запремнина од шест литри, моќност од 635 коњски сили и вртежен момент од 900 њутнметри, што дозволуваат забрзување од 0-100 km/h за 4,1, односно 3,8 секунди (за 0,1 секнунда подолго од моделот со цврст покрив), и максимална брзина од 318 km/h, односно 333 km/h. Иако максималната брзина на двете верзии е еднаква со таа на купето, претпоставуваме дека брзина над 300 km/h со отворен покрив не е најпријатното искуство. Кој ќе ја има честа да ги вози овие прекрасни машини не мора да брза, нека ги почитува ограничувањата за брзина и нека ужива во удобноста, лускузот и сонцето.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *