Четврта генерација на Škoda Octavia – следниот чешки бест-селер?

Претходните три генерации на Škoda Octavia беа убедливо најпопуларниот производ на Чешкиот бест-селер и од тие причини четвртата генерација е задолжена со исполнување на големи очекувања.

Позната по својата практичност, новата генерација на Octavia бележи пораст во димензиите со цел да обезбеди уште повеќе простор за патници и багаж. Должината сега изнесува 4.689 милиметри (што е за 19 милиметри подолго од третата генерација на хечбекот, а за 22 милиметри подолго од COMBI караванот). Дополнително, и ширината е зголемена за 15 милиметри, што би требало да обезбеди уште повеќе комодитет во веќе пространиот ентериер. Багажникот, веќе најголем во класата, порасна на навистина импресивни 600 литри за хечбекот и 640 литри за караванот, што е сосема доволно да ги задоволи потребите на речиси секое семејство.

Покрај промената во димензиите, Škoda го искористи претставувањето на новиот модел да ја поправи грешката направена со фејслифтот на третата генерација, кога на Octavia и додели непропорционална предница со четири засебни светлосни единици кој од публиката не освои ниту еден комплимент. Новата Octavia ја има формата на поголемиот Superb а деталите што ја красат се преземени од помалата Scala, која и беше претставена како пионир на новиот дизајнерски јазик на Škoda. Целината која што се добива е привлечен, иако не исклучително впечатлив автомобил, кој никого нема да разочара со својот изглед. Доколку сакате автомобил по кој сите ќе се вртат, Octavia не е за вас, но за сите оние кои ја ценат функцијата пред формата, новото пакување на Octavia ќе претставува оптимално решение за нивните потреби.

Додека екстериерот останува конзервативен и доследен на остатокот на гамата на Škoda, ентериерот веќе претставува значајан отстапка од досегашните модели. Немојте да мислите дека одеднаш разумната и одмерена Škoda почна да прави вчудоневидувачки ентериери. Распоредот е се уште релативно конзервативен, но сега мноштвото копчиња и традиционални команди кои беа присутни во претходната генерација се заменети со екрани осетливи на допир, кои зависно од пакетот на опрема варираат во големина од 8,25 до 10 инчи во дијагонала. Покрај тоа, на листата на дополнителна опрема се наоѓа и Virtual Cockpit системот кој аналогните инструменти ги заменува со мултифункционален дисплеј од 10,25 инчи со распоред на прикази кои може да се менува со цел оптимлано да ги задоволи потребите на возачот.

Покрај копчињата и екраните осетливи на допир, дел од функциите може да се контролираан по пат на говорни команди и гестикулации. Особено контролата со гестикулации претставува нова технологија која до неодамна беше достапна само во автомобили кои се позиционирани неколку класи над скромната Octavia, но како и со многу други практични решенија и технологии, Škoda на широките маси им обезбедува пристап до најголем дел од удобностите кои биле резервирани за Германските премиум брендови.

Во комбинација со новите материјали меки на допир, амбиенталното осветлување во 10 бои кои можете да ги комбинирате во различни делови на возилото, трозонска автоматска климатизација и ред друга опрема Škoda Octavia навистина може да остави впечаток на премиум возило доколку ја одберете вистинската опрема. Се разбира, се ова ја оптоварува цената, но и во својата најскапа изведба Octavia останува попристапна од конкуренцијата и е вистинскиот избор за купувачите на кои им е битно што ќе добијат од нивното возило, а не на кој бренд припаѓа.

Škoda не би можела да се претставува како семеен автомобил доколку не се посветува на безбедноста на своите патници, па од тие причини Octavia нуди темелно ажурирани системи за безбедност и асистенција при возење. Покрај адаптивниот темпомат кој се прилагодува на останатите возила при брзини до 210 километри на час (очигледно функција предвидена за германскиот пазар, но ова значи дека системот без потешкотии ќе се прилагоди и на брзините легални во остатокот на светот) Škoda Octavia е опремена со системи за препознавање на сообраќајни знаци, одржување во лента, асистенција при гужва во сообраќај и асистенција во случај на опасност. Доколку судир е неизбежен и покрај трудот на сите овие системи, тогаш возилото ќе се обиде максимално да ги заштити патниците така што автоматски ќе ги затвори прозорците и панорамскиот покрив и ќе ги затегне безбедносните појаси.

Од Octavia никој нема преголеми очекувања за перформанси и динамика, но новата генерација сепак претставува подобрување во однос на претходната со голем избор на конвенционални бензински и дизел мотори, но и мотори на плин и хибридни системи, како и четири различни подесувања на шасијата. Иако има наговестување дека моторите се поефикасни и поекономични од порано, официјалните податоци за потрошувачката сеуште не се достапни. Перформансите, иако не се нешто што би ве оставило вчудоневидени, се сосема доволни за брзо, удобно и безбедно да крстарите по автопат или по потреба да престигнете на останатите патишта.

Изгледа дека Škoda навистина подготви достоен наследник за својот најпопуларен модел и дека Octavia ќе продолжи успешно да ја претставува Škoda во класата на семејни возила барем уште една генерација.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *