Нашиот автомобилист Рико викендов ќе ја вози првата трка на патеката Муџело во рамките на Porsche Carrera Cup Италија 2020

Нашиот најперспективен возач и еден од  најдобрите македонски автомобилисти Ристо Вуков – Рико, овој викенд, 18 и 19 јуни, ќе ја вози својата прва трка на патеката Муџело во Италија на стартот на Porsche Carrera Cup 2020 чиј почеток беше одложен поради пандемијата со Ковид-19.

Македонскиот автомобилист и покрај неизвесноста поради ограничувањата на границите, сепак успеа да замине во Италија и ги извози првите подготвителни кругови на стазата во Муџело со својот 911 GT3, тестирајќи го возилото и запознавајќи се со патеката на која настапува утре. Рико седнува во Porsche, возило кое е меѓу најспектакуларните во светот на автомобилизмот, што е за него е огромна шанса, но воедно и одговорност.

„Патеката во Муџело е мошне брза, со брзи свиоци. Моето возило беше одлично подготвено и сетирано. Се надевам дека е дојдено времето да го реализирам мојот потенцијал, а воедно сум пресреќен што ќе настапувам во силно и ценето натпреварување, Porsche Carrera Cup“, истакна Рико по првите кругови што ги ивозе на патеката Муџело.

Македонскиот автомобилист сезонава за првпат ќе вози во рамки на Porsche Carrera Cup со тимот на ГДЛ Рејсинг со кој склучи договор по успешната ланска сезона во која ги освои македонскиот шампионат како и  Отвореното првенство на Србија, со неговото Југо Хибрид 1150 ццм3. Рико исто така имаше успешен настап и на престижната трка Gulf 12 часа, што се одржа на Јас Марина патеката во Абу Даби. По овие успеси веднаш стигнаа неколку понуди за натпреври во посилен шампионат, од кои се реши за италијанскиот Porsche Carrera Cup.

„По освоените титули во Македонија и Србија, преминувам на едно повисоко ниво на кое очекувам достојно да ја претставам нашата земја и да бидам вистински македонски амбасадор меѓу најдобрите возачи во овие рамки. Се надевам дека ќе ја искористам шансата да ги покажам моите возачки квалитети и да и донесам на нашата земја солидни резултати и радости на меѓународно ниво. Време е да го покажам и ослободам мојот потенцијал, правејќи го она за кое сонувам од најмали нозе, уште од моите европски триумфи во картинг. Во новата сезона и новиот старт за мене, голема поддршка добив од Халк Осигурување, која се однесува не само за оваа трка, туку за целата сезона“, вели Вуков.

Во сабота е првата трка со почеток од 16:00 часот, а истата ќе оди во директен пренос на МТВ, како и во недела кога започнува од 9:50 часот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *